Основање на Сојузот на глуви и наглуви лица на Македонија

Во декември 1947 година беше свикан првиот Иницијативен одбор за формирање на посебна организација на глувите и наглувите лица во Македонија со задача да ги изврши подготовките за основачко Собание. Во овој одбор влегоа: Гавро Гавроски, Слободан Дојчиновски, Коста Гиковски и Јосип Станчиќ.

Особена помош во создавањето на организацијата укажа Министерството за социјални грижи на Р. Македонија. Министерството помогна да се основаат и други хуманитарни организации.

Укажувањето на помошта беше поттикнато од зацртаната политика и заземениот став на политичарите и одговорните во службите дека е неопходно да се поттикне развитокот на заштитата и грижата за инвалидизираните лица во републиката. Се разбира, таков ист став беше усвоен и протежиран во сојузните политички форуми и надлежни министерства каде што се креираше севкупната политика во земјата.

На 28 март 1948 година, во салата на Графичкиот завод Гоце Делчев, беше одржано првото основачко собрание на организацијата која го усвои името Здружение на глувите на Македонија. Со присуство на претставници на политичките организации, Министерството за социјални гружи на НРМ, Министерството за просвета на НРМ, Земскиот одбор на Здружението на слепите на Македонија, гостите од Сојузот на глуви на Југославија, организацијата доби голема поддршка од власта и определеното општествено значење уште на својот старт. Тој однос се задржа и подоцна, се разбира, следејќи ги опшстествените промени во Југославија, каде наследникот на Народниот фронт – Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Југославија, аналогно на тоа и во републиките и покраините, беше политичката организација која ги опфаќаше сите граѓански организации.

На Основачкото собрание едногласно беше избран првиот Земски одбор на Здружението на глувите на Македонија од 20 члена, во кој влегоа: Јосип Станчиќ, Гавро Гавроски, Панчо Шушков, Страхил Трајковски, Јове Стаменковски, Родна Ѓоргова, Кирил Пејковски, Димко Русајков (Скопје), Милан Димковски (Битола), Велко Цветановски (тогаш Титов Велес), Томе Ристовски (Тетово), Добре Левков (Штип), Блага Василевска (Прилеп), Методија Урдов (Радовиш), Мицко Марин (Кочани) и Велибор Младенов (Куманово).

Својот прв состанок Земскиот одбор го одржа уште истиот ден,  при што беа избрани Управен и Надзорен одбор. Управниот одбор го сочинуваат Јосип Станчиќ, негов прв претседател, Георги Бозбокилос, потпредседател, Гавро Гавроски, секратар и Коста Гиковски, благајник. За претседател на Надзорниот одбор беше избран Павле Миљовски.

По конституирањето на органите на Сојузот беа поставени неколку приоритетни програмски задачи. Најважната од нив се однесуваше на опфаќањето на членството и на создавањето на организации по општините. Колку бил сериозен пристапот кон ова прашање се гледа од тоа што истото било поставено на дневен ред на првата седница на Земскиот одбор по конституирањето на Здружението, која била одржана на 16 мај 1948 година во Скопје, Земскиот одбор донел одлука да формира свои доверители во Скопје, Велес и други.


Фази во развитокот на организацијата

Во својот 65 годишен развиток Сојузот на глуви и наглуви на Македонија изминал повеќе фази, извршил неколку промени на името и статутот на организацијата, ги променувал програмските приоритети, организациските шеми, усогласувајќи се со промените на општествениот систем, развитокот на институционална мрежа, социјалното законодавство и потребите на членството.

Првиот период (1948-1967) е одбележан со многу напори и активности поврзани со основањето на подрачните организации на функционирање и создавање потребни услови за нивна работа, осмислување на нивните програмски цели и задачи според актуелните потреби на членството. Во овој период исто така се создадени најзначајните образовни и рехабилитациони институции за глувите лица од сите возрасти.

Имено, од извештаите во овој период видливо е дека поставен е темелот на мрежата подрачни организации. Беа основани вкупно 17, од кои 5 меѓуопштински (во Охрид, Битола, Куманово, Штип и Прилеп), 11 општински (во Титов Велес, Кичево, Тетово, Македонски Брод, Струмица, Гостивар, Ресен, Гевгелија, Кавадарци, Валандово и Неготино) и 1 градска организација во Скопје. Некои од општинските организации повремено згаснуваа и повторно беа активирани, а кон нив подоцна се придружи и Организацијата од Струга, така што вкупниот број изнесува 18 организации.

Исто така во овој период беше поставен темелот на институционална мрежа. Така во 1949 година започна со работа Заводот за глуви деца и младинци кој од Скопје во учебната 1951/52 година се пресели во Битола каде што работи и денес под називот Завод за рехабилитација на деца и младинци “Кочо Рацин” – Битола. Во 1955 година е отворен Центарот за слух, говор и глас во Скопје во чиј склоп од 1960 година работи и Аудиолошки центар. Центарот за професионална рехабилитација “25 Мај”, сега “Партенија Зографски” – Скопје, каде што се извршува стручно оспособување на глувите младинци и младинки за определени занаети беше основан во 1955 година. Вработувањето на глувите главно се решаваше во заштитните работилници. Прва од нив која започна со работа беше Заштитната работилница “Светлост” од Скопје и тоа во 1952 година, потоа следува “Униус” – Тетово и “Украс” – Охрид (која неколкупати го промени името) за кои подготовки беа извршени во 1967 година, а беа пуштени во употреба 1968 година. Во истата 1967 година беше започната иницијативата за содавање одморалиште за глувите и наглуви лица во Македонија која се заокружи во 1975 година со пуштање во употреба Одморалиштето на Сојузот на глуви и наглуви на Македонија “Даљан” – Охрид.

Вториот период (1968-1980) се одликува со стабилизација на организацијата, ангажман во подобрување на условите за работа на подрачните организации и нивна трансформација за подобар опфат на членството, проширување и ефектуирање на активностите, нивно разграничување на социјално-хуманитарни, културно-забавни и спортско-рекреативни активности на членството, потоа спроведување активности поврзани со унапредувањето на општествената грижа за глувите и наглувите лица кои што во себе вклучуваат неколку цели: заокружување на систематска законодавна регулатива со која се регулираат правата на глувите лица и унапредување на нивната дејност, поголема соработка и активно присуство на собирите организирани од сојузите во другите републики и покраини и на сојузно ниво. Всушност, во овој период Сојузот и неговите организации излегоа во јавност, при што беа нагласено присутни во опшстествениот живот и добија сестрана поддршка за својата дејност.

Третиот период (1981-1991) пред организацијата постави низа прашања кои беа наметнати од промената на општествениот систем, финансирањето на организациите единствено преку таканаречените самоуправни интересни заедници, основањето на Републичката конференција на социјално хуманитарни организации и соодветно здружување во општините. Отпочнаа да се јавуваат тешкотии особено околу потребните материјални средства за дејност на организациите и Сојузот како и за дејност на институционална мрежа. Воедно се создаде потребниот кадар сурдолози и други дефектолози во републиката.

Четвртиот период (1992-1998) наметна бројни и нови прашања поврзани со неопходните трансформации на организацијата поради настанатите промени во вкупниот политички амбиент. Со раздружувањето на СФР Југославија се создаде независна и самостојна Република Македонија која преку сите сегменти започна да гради посебни односи со другите држави, со светските и европските организации и асоцијации. Во тој период Сојузот на глуви и наглуви на Македонија го промени својот Статут и успеа да се зачлени во Светската организација на глуви и во специјализираните организации (за спортување, труид и сл.). Во најново време е изменет законот за дејност на општествените организации и здруженија на граѓаните и начинот на нивното финансирање, што наметна ново усогласување на организацијата. Економската криза во која западна земјата донесе бројни тешкотии и потреба од ангажман за да се сочува достигнатото ниво на опшстествена заштита на глувите и наглувите лица во Република Македонија. Воедно се појави мошне видливо расчекорот помеѓу потребите и можностите, како во доменот на Сојузот, така и во доменот на институционалниот систем. Се покажа дека добри организации има таму каде што се присутни најголем број глуви лица, а таква концентрација има во неколку града (Скопје, Прилеп, Битола, Куманово, Тетово, Штип, Охрид), дека најмалку активности има за членството во руралните подрачја, чии потреби се поинакви и на кои треба да им се помага низ други облици. Од друга страна се јави расчекор помеѓу стснетите можности што ги нудат установите за образование и рехабилитација и потребите на глувите лица за вработување и живеење во средината од која потекнуваат. Тоа се сложени и деликатни прашања за кои е потребно многу трпеливост и упорност за да бидат решени на најделотворен начин.

Петтиот период (1999-2013) е период кога НСГНРМ во самостојна Македонија презема значајни активности за унапредување на положбата на глувите лица од аспект на подобрување на првната регулатива, образованието, социјалната заштита, вработувањето, културата, спортот и рекреацијата, меѓународната соработка, соработката со домашни невладини хуманитарни организации, државни органи и институции. Во овој период со своите активности и дејствувања овозможи да се осознаат потребите и проблемите со кои се соочуваат глувите и наглувите лица, да се подигне свеста кај граѓаните, а исто така и кај органите на државата. Во рамките на Сојузот се 17 здруженија од различни градови.


Спортско друштво “Слобода” – Скопје

По основањето во 1954 година, првото спортско друштво на глувите и наглувите во Македонија го носеше името ССК, а подоцна го доби името Слобода, со кое настапува и денес. Уште во почетокот друштвото основаше фудбалски клуб и неколку секции. Активностите постепено се прошируваат со растежот на бројот на членовите, ги опфаќа следните спортски дисциплини: одбојка, кошарка, пинг-понг, стрелаштво, шах, атлетика, борење, куглање, пикадо за жени. Факт е дека најголемиот број членови од градската организација глувите и наглувите имаат посебна наклонетост кон спортски активности, така што некој од нив се членови во повеќе секции и практикуваат повеќе спортови. Спортистите настапуваа во Македонија, СФРЈ Југославија, на балканските спортски средби и во Светот, каде постигнаа завидни резултати.

Посебно треба да се нагласи улогата на фудбалскиот клуб “Слобода” кој настапуваше успешно во лигата, и во 1975 година беше првак на СФРЈ Југославија во фудбал, за глуви и наглуви лица.


Цели на здруженијата, начин и облици на делување

  • почитување на човековите права на лицата со инвалидност
  • вклученост во општеството и учество во секојдневниот живот
  • недискриминација на лицата со инвалидност
  • поттикнување на лицата со инвалидност да се потпираат на сопствени сили и способности
  • автономност на лицата со инвалидност како корисници на услуги
  • економска, социјална, здравствена и правна заштита на лицата со инвалидност
  • социјална правда и социјална сигурност
  • здружението врши откривање на глувите лица и нивно евидентирање и вклучување во работата на здружението
  • дејствува и работи на планот на заштитата на глувите и наглувите лица, нивна рехабилитација, образование, вработување и др.
  • организира културно забавни активности на глувите и наглуви лица
  • го афирмира јазикот на знаци
  • покренува голем број на форми на информирмање преку кои глувите и наглуви лица навреме ќе бидат информирани за сите настани што се случуваат во сите области на животот во нашата држава
  • соработува со сите хуманитарни организации
  • покренува граѓански иницијативи за измени и надополнување на посојните законски прописи и донесување на нови закони со цел за поквалитетна заштита на глувите лица
  • го помага и развива спортот на глувите лица
  • соработува со соодветни здруженија и сојузи во државата
  • врши и други цели утврдени во својата програма за работа

Задачите на здруженијата се остваруваат преку следните облици на дејствување:

  • утврдување на интереси и застапување на потребите на лица со инвалидност на секои подрачја кои се однесуваат на нивниот живот, придонесување за создавање на свест во јавност и влијание врз промените во нивна полза
  • планирање, организирање и изведување проекти кои овозможуваат на одделни групи на лица со инвалидност поактивно учество, помагање во отстранувањето на попреченоста и поголема независност во животот, оспособување за активен живот и работа, превоз, снабдување со технички помагала, лична помош, нега, физичка помош, центри за дневен престој, клубови, програми за деца и младинци со посебни потреби, програми за стари, болни и изнемоштени лица, толкување и поддржување, програми за чување на здравјето и други рехабилитациони проекти, информативна, издавачка, културна, рекреативна, спортска активност и слично
  • учествување во спречувањето и отстранувањето на бариерите, во физичката и социјалната средина
  • организирање и спроведување активности за запознавање на инвалидните лица од областа на заштита на здравјето, медицинска и социјална рехабилитација, воспитување, образование, оспособување, вработување, социјална заштита, култура, спорт и рекреација
  • спречување и ублажување социјални и психички последици од инвалидноста
  • оспособување на лицата со инвалидност за самопомош и нивните блиски и други лица за живот и работа со лица со инвалидност
  • развивање на социјалните вештини на лицата со инвалидност и нивната информираност со различни подрачја за живот
  • поттикнување активности на соодветни органи и организации за што поуспешно решавање на прашањата во врска со лицата со инвалидност
  • учествување во изготвувањето на државните мерки и предлагање за прифаќање на прописи и мерки на подрачјето на инвалидска заштита
  • претставување, заштитување и почитување на првата и интересите на државно и локално ниво
  • обезбедување поддршка и создавање можности за развој на самопомош и добротворност
  • поврзување со други инвалидски организации во земјата и странство
  • и други задачи определени во основачкиот акт на инвалидската организација и тоа:
    • прибирање на податоци за социјалната, здравствената, образовната и личната семејна состојба за секој член
    • систематизирање и статистичка обработка на сите податоци за сите членови
    • постојана обука на кадри кои ќе се оспособат за комуницирање со јазикот со знаци
    • покренување на иницијативи за подобраување на квалитетот на образованието на глуви и наглуви
    • учество на разни семинари, советувања и стручни расправи
    • помагање за формирање на културно уметнички друштва
    • помагање за формирање на спортски друштва и клубови
    • врши и други програмски задачи во интерес на членството.